ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го одбележа патрониот празник и 56 години постоење на училиштето.

Пред присутните ученици, наставници, родители, претставници од локалната самоуправа, директорот на училиштето Сашо Недески истакна дека динамичен е воспитно образовниот процес кој треба да е во чекор со времето, континуирано да се модернизира и ги прати современите текови на науката и техниката.

Секојдневната соработка со компаниите, поддршката од МОН преку стипендирање на учениците во стручното образование и обезбедувањето на пријатни и модерни услови за работа во училиштето, придонесе кон зголемување на интересот за запишување во Центарот и со тоа драстично е зголемен бројот на ученици во сите струки. Во периодот што следува со поддршка од МОН и локалната самоуправа ќе започне со реализација тригодишниот проект од страна на конзорциумот составен од нашето училиште и компаниите: „Костал“, „ЛТХ – леарница“ и „ОДВ електрик“, а одобрен од фондот за предизвици за набавка и инсталација на софистицирана опрема во училишната работилница, рече Недески.

На компаниите членки од конзорциумот им беа доделени плакети за особен придонес во изработката на проектот за набавка на опрема за училишната работилница.

Беше потенцирано дека изминала многу успешна година во која учениците освоиле бројни награди на меѓународни и државни натпревари, учества на проекти, како и на бројни спортски натпревари каде имаат освоени и неколку први награди за што учениците добија пофалници и пригодни награди.

За десет и дваесет години континуирана работа во Центарот, како и на професорите кои оваа година заминаа во пензија им се оддаде соодветно признание за нивната работа и придонес во развојот на Центарот.

OhridNews