Со симболичното овенчување на Прличевата биста започна празнувањето на патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“, чествувањето и достојното одбележување на 129 годишнината од смртта на ловороносецот.
Директорката Лилјана Ефтимовска во своето обраќање пред ученици, родители, претставници од Локалната самоуправа, членови на Совет, гости од збратимените училишта истакна дека нивното училиште гордо го носи името на човекот чии дела го слават човечкото достоинство, храброста и саможртвата за татковината, името на великанот Григор Прличев.
Со далбока почит го празнуваме името на нашиот драг сограѓанин. „Блазеси му на оној кој со труд се извишува себе си“, прличева мисла која на многу генерации прличевци им беше водилка на патот. Нека биде водилка и на оваа наша генерација, рече Ефтимовска.
Додаде дека знаењето што се стекнува во училиштето е клучна одредница за иднината на ученици од ова училиште.
Само со труд посветеност и работа ќе постигнете резултати кои ќе ве воведат во светот на возрасните и успешните луѓе. Секогаш имајте на ум дека квалитетот на животот започнува и завршува со образованието. Тоа е капитал кој никој не може да ви го одземе и нека ви биде средство за остварување на посакуваните цели во животот. Ние сме тука да ве поддржиме на тој пат, а делото на Прличев нека ви биде пример, додаде директорката обраќајќи им се на учениците.
Одбележан патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“
А дека Прличев е непресушен мотив, топлина и енергија која ги грее срца на сите деца кои денес го чуствуваат неговиот духовен импулс, беа прекрасните поетски и ликовни творби напишани од рацете на учениците на распишаниот конкурс по повод патрониот празник на тема „Јас, Прличев и Охрид“.
Наградени беа најуспешните поетски творби од предметна настава каде наградите ги понесоа учениците Марија Јакимоска прва награда, Нина Боцеска втора награда, Виктор Милески и Стефанија Климоска трета награда, а пофалени беа Ева Џајкоска, Нина и Ана Кузманоски. За најуспешни поетски творби од одделенска настава беа наградени Кирил Мартиноски прва награда, Матеја Колеска и Калина Јолеска втора награда, Јана Котеска трета награда, Дафина Милошоска и Софија Димзоска пофалени.
За најуспешни ликовни творби од предметна настава беа наградени Софија Гавреска прва награда, Стефанија Климоска втора награда, Михаил Велјаноски трета награда, Стефан Милески, Елеонора Јосифоска и Ивана Ѓурулоска пофалени, додека за најуспешни ликовни творби од одделенска настава Дарко Крцоски прва награда, Анастасија Николова втора награда, Андреј Стревоски трета награда, а пофалени беа Јана Мицеска, Маја Џајкоска и Лана Џајкоска.
Посебна пофалница доделена му беше на Иво Георгиески – ученички правобранител, за ангажираност и промовирање на училиштето.
Наградени ученици на конкурс по повод патрониот празник на тема „Јас, Прличев и Охрид“
По врачувањето на наградите беа прочитани поетските творби, а ликовните творби беа изложени.
Н.С.Ј./К.А.





































