ЈП Охридски Комуналец Охрид денес го одбележа патрониот празник. Директорот на претпријатието Сашо Најдески истакна дека остварувањата во изминатава година, од ноември 2021 од кога јавното претпријатие има ново раководство, па се до денес, потврдуваат целосна посветеност и грижа за градот и граѓаните со одговорно и домаќинско работење.
Во периодот на нашето работење, на многу начини го подигнувавме степенот на јавна чистота: соработуваме со невладини организации и еколошки здруженија, а потпишани се и меморандуми за соработка со истите како и со НП Галичица, организираме акции за подигнување на кабаст отпад, расчистени се над 600 мали и над 20 големи депонии, а подигнато е отпад во количина од 6.500 м3, обезбедувме услови за работа на чуварска служба на депонијата Буково. После подолг период го решаваме проблемот со кучињата скитници (односно преку ангажирана фирма заловени се над 100 кучиња и истите имаат добиено хуман третман), многупати ја покажавме и ќе ја покажеме симболиката на солидраност и хуманост со разни донации во соработка со меѓуопштинскиот центар за социјална работа Охрид со донирање на огревно дрво, односно донирани се 130 м3 огревно дрво на над 40 семејства, истакна Најдески.
Додаде дека се поставени рефлектори и камери за безбедно работење, како и за заштита од кражби, а после подолго време за сите вработени набавени се нови работни заштитни одела.
Ја намаливме потрошувачката на гориво и ги намаливме трошоците за резервни делови за механизацијата. Трошоците за репрезентација ги сведовме на минимална потрошувачка. Пред домашните и странските туристи се покажавме како добри домаќини во однос на одржување на чистотата во градот и одржување на парковските површини. Уверен сум дека со тимска работа и заедничко залагање на сите вработени, и понатаму ќе продолжиме со успешното работење и остварување на зацртаните цели, како и одговарање на сите предизвици со кои ќе се соочиме во иднина, додаде Најдески.

Инаку, според пишаните документи, првите зачетоци на претпријатието датираат од далечната 1952 година, а по направените статутарни промени денес ЈП Охридски Комуналец Охрид претставува единствен вршител на комунални услуги: собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад, одржување на јавната чистота и одржување на градските паркови и зеленило на територијата на Општина Охрид.
OhridNews












