Со свечен коктел, денеска во холот на Средното општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид беше одбележана новата учебна година во овој нов правен објект.
По 43 години функционирање заедно со ОСУ „Св. Климент Охридски“, денеска во економското училиште беше конституиран новиот наставнички совет.
„Економското училиште е основано во далечната 1957 година, но сега стартуваме одвоено од ОСУ „Св. Климент Охридски“. Од секциите за развој продолжуваат со нови погледи, бидејќи стручното образование има големи аспекти за проширување, надоградување, поврзување со другите училишта, со стопанството и економските субјекти. Изгледите за развој се многу големи, се става акцент за развој на воспитно образовниот процес , како во оваа учебна година така и на долгорочен план. Се надевам дека до година ќе видиме нови проекти, нови идеи и остварувања кои ќе го подигнат степенот на обученост на нашите ученици.“ – рече Славица Костоска, в.д. директорка на Средното општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид.
Таа нагласи дека 110 ученици се запишани во новата учебна 2014/2015 година, во четирите економски и едната здравствена паралелка.
„Вкупно во четирите години на стручно образование има околу 550 ученици. Се надеваме дека нашите можности и активности ќе бидат поатрактивни следната година и ќе имаме повеќе ученици кои ќе се запишат тука.“ – рече Костоска.
Во рамките на училиштето ќе предаваат 26 наставници и три лица како технички персонал. Како што рече Костоска, ќе бидат продолжени договорите на определено време, на оние лица кои во ланската година ги извршувале задачите.
„Со спогодба денеска ги презедовме вработените, кои се изјаснија дека ќе предаваат во ова училиште. Со наставниот кадар од другите образовни институции кои тука ќе дополнуваат часови ќе бидеме околу 50 вработени со ефективен фонд од околу 40 лица наставен кадар.“ – потенцира Костоска.
Инаку, на почетокот од годината Министерството за образование даде зелено светло на одлуката на Советот на општина Охрид за формирање на Средно општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“.
OhridNews