По повод Втори април – Светскиот ден на литературата за деца НУ Библиотека „Григор Прличев“ денеска организираше интересен интерактивен настан во кој се споија литературата и цртањето. Гостинка во Библиотеката беше поетесата Светлана Каланоска- Котевска од Охрид. Беа промовирани двете нејзини стихозбирки за деца: „Убава е природата со жуборот на водата“ и „Да растеме заедно“ во издание на Библиотека во 2024 година.

Втори април, Денот на литературата за деца за првпат бил прославен во 1967, а оттогаш секоја година во светот се промовира љубовта кон читањето кај децата и се нагласува важноста на книгите. Датумот го означува роденденот на Ханс Кристијан Андерсен, прочуениот дански автор, познат по делата како „Грдото пајче“, „Малата сирена“, „Девојчето со кибритчиња“ и многу други. Драги деца, исклучете ги компјутерите мобилните и денеска земете книга во рака – Не заборавајте денеска е Светски ден на литературата за деца, рече директорката на Библиотеката Христина Трпеска.

Котевска се открива како автор што многу лесно го прифаќа предизвикот да твори за деца, да ги пушта своите емоции и спомени многу спонтано и спокојно, создавајќи бескрајни низи од зборови што едноставно зрачат и ги привлекуваат детската љубопитност, детската желба за читање и за откривање на светот околу себе. Песните напишани од Светлана посветени на децата, се песни во кои дишат љубовта кон децата и желбата секое дете да расте среќно и безгрижно, знаејќи дека е сакано, прифатено и поддржано додека чекори по патот на сопственото растење, откривање и остварување на соништата, посочи.

Теоријата на литературата за пишување стихови за деца се фокусира на специфичните карактеристики и стратегии што го прават детскиот поетски текст привлечен и разбирлив за младата публика. Пишувањето стихови за деца не се потпира само на литературни техники, туку и на развојните потреби и способности на детето. Некои од најважните аспекти на теоријата за детски стихови вклучуваат: јасност и едноставност, ритам и рима, метафори, емоции и фантазија, интеракција со идниот читател, образовни функции, визулено – сензорни елементи, рече Јованоски.
OhridNews














