Со пригодна свеченост одбележан Светскиот ден на метеорологијата, 23 март во Охрид. Директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Ивица Тодоровски во своето обраќање ја истакна важноста од навремените предупредувања кои водат кон рана акција од страна на иституциите кои работат на намалувањето на ризикот од катастрофи.

Во последните години, се’ почесто сме изложени на интензивни и долготрајни топлотни бранови во летниот дел од годината, кога и максималните и минималните температури достигнуваат рекордни вредности, особено во урбаните средини. Од друга страна, недостатокот на врнежи ги иницира сушните услови и предизвикува огромна штета не само на земјоделскиот, туку и на енергетскиот економски сектор. Токму заради сето ова, Светската метеоролошка организација оваа година светскиот метеоролошки ден го посветува на важноста на навремените предупредувања, рече Тодоровски.

Како регион кој е исклучително често погоден од олујно невреме, проследено со појава на град, УХМР не само што обезбедува навремени предупредувања, туку и учествува во експерименталната програма за заштита од град применувајќи најсовремена метода на авионско засејување на облаците. Во соработка со СМО, УХМР интензивно работи на прашањето на климатските промени. Уште во раните 70ти години од минатиот век на Светската конференција за клима беа објавени првите согледувања за воочените промени во климатскиот систем. Оттогаш и по бројни мерења и истражувања, недвосмислено се докажа дека климатските промени се реалност и резултат на човековите активности. Во оваа насока, УХМР досега има изработено климатски сценарија за нашата држава, кои можат да дадат корисни информации за разни сектори во поглед на нивната адаптација кон идните услови, потенцираше Тодоровски.

УХМР, вели Тодоровски, изработува прогнози и предупредувања во соработка со престижните светски и европски метео центри и ги доставува не само до јавноста, туку и до бројни институции за понатамошно постапување (ЦУК, Дирекција за заштита и спасување, Министерства итн.)

Успешноста на ваквите прогнози и предупредувања се во директна зависност од прецизните и континуирани метеоролошки мерења во мрежата на метеоролошките станици, но уште повеќе зависат од современите далечински (сателитски и радарски) информации. Токму затоа, УХМР во 2018 год. изврши значителна надградба и осовременување на постоечките радарски системи. Понатаму, со учество во Европската програма на Еуметнет-Метеоаларм, УХМР на едноставен начин известува за можни екстремни временски непогоди..(во летниот период ги вклучуваше жолта/портокалова/црвена фаза во случаите на топлотните бранови, а министерството за здравство превземаше понатамошни мерки и препораки за граѓаните….), вели Тодоровски.

Свечено откриена скулптурата „ВЕСНА“
Свечено откриена скулптурата „ВЕСНА“

УХМР учествува во Проект за целосно операционализирање на националниот систем за рано предупредување од природни катастрофи-МУЛТИХАЗАРД, како дел од регионалниот систем на Југоисточна Европа, кој е пак дел од Глобалниот систем за предупредување од природни катастрофи на СМО.

 

На свеченоста по повод одбележувањето на овој ден беше отворена и скулптурата „ВЕСНА“ изработена од Даниела Илијоска која истакна дека скулптурата ја работела шест месеци од јули кога почнале да паѓаат шишарките, а вкупно има 1891 шишарка, бројка што ја симболизира годината кога во Македонија е почнато првото мерење на температурата.

Наречена е Весна бидејќи таа е старословенска божица на пролетта и убавината и имала на власт да ја чува сончевата светлина и да ја обнови природата. Нејзиниот црвен фустан ги означува облаците кои се јавуваат на изгресонце и зајдисонце, кои укажуваат на ветер, што се поцрвени облаците, ветрот е посилен. Одбрав да ја направам со шишарки, бидејќи тие се прилагодуваат на секаква температура, на топло се отвораат, а на ладно се затвораат и нон стоп се живи. Косата е руса бидејќи инструментот за мерење влага содржи женско русо влакно, бидејќи тие најмногу ја осеќаат промената на влагата и на времето. Чадорот е една заштита од секакви временски услови, а човекот опстанал после сите неприлики на времето. Жена направив бидејќи зборот метеорологија е од женски род и повеќето циклони имаат женски имиња. На жената доволно е да и се каже еден лош збор да се разлути, па исто и на времето му е доволно една негативна честичка за да се расипе и да се соберат облаци кои ќе предизвикаат невреме, ја објасни симболиката на изработената скулптура Илијоска.

Во своето обраќање директорот Тодоровски истакна и интересни факти за метеоролошката станица во Охрид која има долг историјат на мерења кој датира од 1923год. како дождомерна станица, а од 1945год. на оваа локација како главна станица, (од јуни 2011 и со автоматски мерења).

Во историската архива се документирани сите метеоролошки податоци, како и тие дека рекордно највисока температура на воздухот од 37.5°С е измерена во јуни 2007год., дека во јануари 1954 год. најниската температура изнесувала -17.2°С.  Во Охрид за еден ден може да наврнат над 90мм дожд, а имало години кога 78 последователни денови немало капка дожд, истакна Тодоровски.

Директорот на УХМР им додели признанијата на вработените во Управата за хидрометеоролошки работи кои оваа година навршуваат 10, 20, 30 и 40 години работен стаж.

Н.С.Ј.