Викендов се одбележа втората годишнина од постоењето на клубот „ Сороптимист“- Струга.
Во изминатите две години клубот може да се пофали со реализирани бројни активности и проекти. Меѓу нив, соработката со уличниот магазин „Лице в лице“, одржани бесплатни часови по англиски јазик за деца од социјално загрозени семејства, филантропскиот настан „Филантропија-човекољубие на дело“, дебати за жената автор по повод 8 Март, обуки за личен развој.
– Како најзначајна активност би ја издвоила „Сороптимист лидерската академија за жени“ што за прв пат се одржа во месец јули годинава, како партнерски проект со Сороптимист унијата од Турција. Лидерската академија доби интернационална поддршка од голем број Сороптимист клубови од целиот свет, што е поттик повеќе академијата да се одржува и во иднина. Клубот продолжува и понатаму да го шири своето сестринство. И покрај зацврстувањето на врските помеѓу членките ги зацврстува и врските со други клубови, како на пример клубовите од Турција, Италија, Австрија, Холандија, Данска, Хрватска, Германија, вели актуелната претседателка на Сороптимист- Струга, Мерсиха Исмајлоска.
Инаку, Сороптимист е интернационална организација за жени од различни професии, кои имаат цел да го подобрат животот на жените и девојките во светот преку зајакнување на свеста, застапување и преземање конкретни акции. Првиот Сороптимист Клуб е формиран 1921 во САД. Во моментов, во светот има околу 3000 клубови присутни во 125 земји и бројат над 90.000 членови.
Т.К.