Претставници од локалната самоуправа, политички партии, невладини организации, од училиштето „Христо Узунов“, граѓани, денес со полагање свежо цвеќе пред куќата на ѓемиџијата Марко Бошнаков, ја одбележаа 109-годишнината од неговата смрт.

Пред присутните во името на Комисијата за одбележување на празници и манифестации при советот на општина Охрид, се обрати Дејан Пановски, кој потсети на делото на Бошнаков, неговата жртва за Македонија, за идејата и организацијата.

– Жртвата на Бошнаков е еден највисок патриотски чин кој одговара на тоа време, на такви односи во овој дел од европскиот континент и борбата за самобитност на македонскиот народ. Денеска една нова генерација има своја нова битка и нови елементи на патриотизам. Денеска патриотизам значи да се учи, да се донесе нешто за својот град, позитивни процеси, да се напише книга за својот град, да се помогне на секој еден што е наш сограѓанин и кој си ја сака својата татковина. И врз база на тој момент на патриотизам кој го живееме сега треба да го градиме  градот понатаму, да го браниме и да знаеме дека секој еден кој учествувал со своја жртва во таков еден патриотски чин, без разлика во кое време, е достоен да биде вака почитуван и уште повеќе, рече Пановски.

Пановски додаде дека иако денот се одбележува секоја година, изостанала поголема ангажираност на надлежните со цел да се стави поголем акцент на значењето на делото на Бошнаков.

– На овој ден со години пред неговата куќа го одбележуваме денот на неговото погубување, иако можам да кажам дека не сторивме ништо за да го кренеме на поголем пиадестал неговото дело во форма на именување на улица или спомен обележје, затоа што ние немаме милиони личности за кои треба да го чуваме споменот и треба да го искористиме секој еден за да ја покажеме својата историја и посветеност, рече Пановски.

Охриѓанецот Марко Бошнаков беше еден од неколкумината кои ги преживеаа Солунските атентати изведени од групата млади македонски патриоти, наречени солунски атентатори. Тој беше заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му беше заменета со доживотна робија што ја отслужуваше во тогашниот злогласен затвор Музрул во Африка, каде и умре на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците. Марко Бошнаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“.

Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошнаков така што ја отсекле главата од беживотното тело на Бонњаков и ја донеле во неговиот роден град.

OhridNews