Оваа година се одбележуваат 30 години од ставањето на Охрид на листата на УНЕСКО како заштитено светско културно наследство, додека една година претходно под заштита беше ставено природното наследство. По тој повод во организација на националниот комитет на ИКОМОС – Меѓународен совет за споменици и локалитети, во Охрид се одржа свеченост, на која експерти од земјава и регионот разговараа за заштитата на Охрид во изминатите три децении од кога е на листата на УНЕСКО.


Според претседателот на македонскиот ИКОМОС, Зоран Павлов, не е проблем заштитата, туку сфаќањето за значењето на културното наследство.

–  Дефинитивно имаме проблем со девастација, со урбанистичката мафија и прекумерната градба во стариот дел на Охрид, но сепак се обидуваме да го заштитиме она што може да се заштити, истакна Павлов.


Една од забелешките на дискутантите беше и непостоење на специјализиран Закон за Охрид, кој се уште е во процедура и се очекува наскоро да биде изгласан во Парламентот. Градоначалникот на Охрид, Александар Петрескил посочи дека Охрид иако е под заштита на УНЕСКО, како град нема ништо поголеми ингеренции во заштитата на културното и природното наследство во споредба со другите општини. Иако Охрид на листата на УНЕСКО е веќе три децении, сеуште не се решени најгорливите проблеми, посочи Петрески.

-Сатеска и Грашница сеуште го загадуваат езерото, а колекторот во Албанија не е целосно функционален, истакна Петрески.


Проф. д-р Коста Балабанов, еден од членовите на Комисијата која ги пишувала препораките за заштита на Охрид од УНЕСКО во 1977 година  истакна дека не се почитуваат препораките на светската организација за заштита на културното наследство.

– Направени се такви зафати кои го донесоа Охрид да чекори по работ и да биде доведен во опасност да го изгуби статусот на светско културно наследство. –истакна Балабаносв. Според него тоа нема да се случи доколку бидеме доволно паметни и преземеме соодветни чекори да го заштитиме нашето национално ботаство.

Г. Момироски