Општинскиот одбор на Сојузот на Борците од Охрид и Дебарца и претставници на повеќе граѓански организации, здруженија и официјални лица, вчера на Славеј Планина ја одбележаа 71-та година од создавањето на баталјонот „Мирче Ацев”, првата голема воена формација на Народноослободителната македонска војска, создадена на ослободената територија во Дебарца.

Претседателот на Општинскиот Одбор на Сојузот на Борците на Охрид и Дебарца, Гоце Георгиески во рамки на својот говор се осврна на историските моменти кои му претходеа на создавањето на баталјонот.

-На денешен ден во 1943 година, овде на Славеј Планина, на оваа висорамнина северно од нас, непосредно пред буковата шума се формира баталјонот Мирче Ацев, како прва покрупна регуларна единица на македонската војска. Тогаш во Македонија, веќе беше разгорено Народноослободителното движење. Беше создадена слободна територија и беа присутни повеќе партизански одреди. Понатаму, бројот на единиците на НОВ и ПОМ достигна 25 бригади, 7 дивизии и 3 корпуси, и на крајот на војната, Македонија создаде 110.000 организирана војска, која сама ја ослободи земјата и со 25.000 борци учествуваше во составот на 15-тиот Корпус, до конечното ослободување на државата, со што го исполни својот долг кон сојузниците и даде значаен придонес во победата над фашизмот, истакна вчера Георгиески.

Потпретседателката на Главниот Одбор на Сојузот на Борците на Македонија, Верка Бунтеска, рече дека лицата кои на тој ден биле присутни на Славеј Планина ја понеле целокупната одговорност за понатамошниот развој на настаните, во рамките на воените дејствија низ целата земја.

-Тие ја имаа честа да го носат името на бардот на македонската народноослободителна војна Мирче Ацев, кој по ѕверското убиство од страна на непријателите, стана прв народен херој. По нив, се изродија и многу други баталјони, одреди и чети кои и ја донесоа слободата на Македонија. Токму затоа, навистина ми е мило што и АРМ го зеде овој датум за свој ден, истакна Бунтеска.

Покрај борците од Народноослободителната и Антифашистичка Војна на Македонија, пред спомен обележјето на Славеј Планина цвеќе положија и делегацијата на Армијата на Република Македонија, како и делегации од општините Охрид и Дебарца.

OhridNews