Синоќа во Велгошти во организација на Општина Охрид се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“ посветена на големиот македонски раскажувач Живко Чинго.

Настанот го отвори заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска, а беседа за Чинго одржа проф. д-р Кристина Николовска.

На Дијана Петрова, авторката на најдобриот расказ од Конкурсот „Живко Чинго“ симболично и беше врачена наградата за расказот „Мизенабим“.

Настанот помина во знакот на 90 годишнината од неговото раѓањето и по тој повод беше промовирана книгата „Наградата Живко Чинго – од востановувањето до денес“ дело на приредувачот Милчо Јованоски. Издавач е Општина Охрид.

Книгата е книжевна ретроспектива на збиднувањата поврзани со културната манифестација „Вечер на Чинго“.

Во овој вреден и значаен книжевен запис на м-р Јованоски опфатени се почетоците на културната манифестација „Вечер на Чинго“, нејзиното прекинување и нејзиното продолжување, сите досегашни првонаградени раскази и имињата на нивните автори, генијалните мисли или реплики од безвременските дела на Чинго, како и интервјуто со неговата внука, д-р Виолета Ачкоска под наслов „Чинго, берач на туѓи гајлиња“.

Пред споменикот на Чинго во атарот на црквата Св. Петка се поклонија и положија букети цвеќе бројни делагации.

OhridNews