На поменот присуствуваа делегација од Општина Охрид, претставници на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Бугарскиот конзулат во Битола, членови на Здружението на граѓани „5-ти септември” од Охрид, Ротари-клубот од Охрид, како и роднини и пријатели на жртвите.
– Мислам дека уште многу години на 5 септември ќе доаѓаме тука. Благодарност до општина Охрид што го подигна овој споменик за да не се заборави трагедијата, која секако е болна, но истовремено не прави поблиски, преку сеќавањето на тие луѓе, рече Ангел Ангелов, в.д. амбасадор на Република Бугарија во Скопје.
Градоначалникот на Охрид Александар Петрески изрази жалење за трагичнот настан, кој пред две години се случи на Охридското Езеро.
– Жал ми е што една ваква трагедија се случи на Охридското езеро. Ние како Локална самоуправа правиме се што е во наша моќ да ја ублажиме болката на роднините и пријателите на загинатите. Сепак, морам да нагласам дека од ваквите настани мора да извлекуваме поуки за грешките во иднина да не се повторуваат, рече Петрески.
Црковниот помен во организација на Здружението на граѓани 5- ти септември, се одржа во црквата „Св.Никола-Геракомија”.
Бродската несреќа се случи на 5-ти септември 2009 година во 10.35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи, а благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот, Сотир Филески и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани беа спасени 38 туристи од Бугарија и туристички водич од Охрид.
По неколкумесечна истрага Основниот суд во Охрид подигна обвинение за предизвикување тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, против капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески и овластениот претставник на германски Лојд, Бранко Баиќ , кој го извршил техничкиот преглед на пловилото. И двајцата беа прогласени за виновни и им беше изречена казна затвор од по една година.
Судот ги задолжи осудените солидарно да ја надоместат кривичната штета во висина од 2,5 милиони денари, а според најавите на правните застапници преживеаните патници и семејствата на загинатите бугарски туристи своите оштетни побарувања ќе ги истакнат во посебна граѓанска постапка. Одговорност се бара и од институциите за кои сметаат дека исто така треба да сносат дел од вината за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија.