Претставници од локалната самоуправа, здружението „5-ти Септември“, претставници од Ротари клубот, Капетанијата како и од Бугарскиот културно-информативен центар од Скопје, денес положија свежо цвеќе на спомен обележјето на загинатите бугарски туристи во бродската несреќа што се случи пред осум години.
Како што потенцира заменик-градоначалникот, Ангел Јанев, несреќата истовремено потсетува, но и дава поука во насока на подобрување на безбедноста на услугите кои им се нудат на туристите.
– И денес жалиме и се потсетуваме на тој трагичен настан, кој отвори и многу порти на пријателство. Таа порака не беше убава за светот, но бројот на туристи кои доаѓаат од Бугарија после несреќата е се поголем, што праќа една друга порака, дека Охрид како град се обидува да направи се она што е во корист на градот, Охрид се обидува да го даде најдоброто за туристите, рече Јанев.
Според капетанот на Капетанијата на пристаништата, Горан Устијаноски, направени се голем број измени во насока на поголема безбедност на пловните објекти кои сообраќаат низ Охридското езеро.
– Ние неуморно и постојано работиме на подигнување на свеста на сите оние кои учествуваат во внатрешната пловидба, на сите учесници во наутиката, се преземаат конкретни мерки за регулирање на бродскиот сообраќај, подигнување на стандардите за техничките прегледи на чамците, начинот на нивното движење. Со сите тие мерки кои што ги преземаме и што треба да се преземат се надеваме дека нивото на безбедноста во одредена мера ќе биде повисоко во внатрешната пловидба, изјави Устијаноски.
Во бродската несреќа што се случи на 5-ти септември 2009 година загинаат 15 туристи од Бугарија.
OhridNews

















