Со полагање свежо цвеќе на спомен плочата покрај кејот на езерото денес беа одбележани пет години од големата бродска несреќа во која животот го загубија 15 туристи од Бугарија.
Почит на загинатите им оддадоа градоначалникот Никола Бакрачески, бугарскиот конзул во Македонија Чавдар Младенов, претставници од локалната самоуправа, од охридската Капетанија на пристаништа, членови на здружението „ 5- ти септември“, граѓани.
– И денес како и секоја година во знак на почит за настраданите го одбележавме денот со полагање свежо цвеќе. Веќе е разговарано со конзулатот на Република Бугарија и невладини организации за подигање на соодветно спомен обележје во близина на местото каде се случи бродската несреќа.Засега тоа е само иницијатива за која се надевам дека наскоро ќе се реализира, рече градоначалникот Бакрачески кој потенцира дека по несреќата преземени се бројни мерки со што е зголемена безбедноста во одвивањето на езерскиот сообраќај.
Конзулот на Бугарија во Македонија Чавдар Младенов, низ солзи зборуваше за несреќата потенцирајќи дека болката и секаќавањето се уште се свежи и големи.
– Утринава пред да дојдам овде во Охрид, следев програма на една од бугарските телевизии. Таму имаше репортажа за трагичниот настан пред пет години. Ги слушав изјавите на дел од спасителите, на еден човек на возраст од шеесеттина години, Македонец. Тој плачеше и раскажуваше дека спасувајќи ги бугарските туристи под водата видел двајца сопружници кои се држеле за раце. Тоа е љубов. Мене многу ми беше тешко кога го гледав тоа, и сега ми е тешко. Ние сме тука за да си помагаме и да живееме заедно. Трагедијата и маката се големи, изјави Младенов.
Бродската несреќа се случи на 5- ти септември 2009 година во 10.35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец , кога потона бродот „Илинден“. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи, но благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани, беа спасени останатите 38 туристи од Бугарија кои се превезувале со бродот.
Т.К.