Денеска, точно на пладне, во Самоиловата тврдина со историски час се одбележаа 1000 години од смртта на Цар Самоил. На свеченото одбележување присуствуваа ученици од основните училишта од општина Охрид и претставници од локалната власт. Основците ги разгледааа тврдините и беа запознаени со историските податоци за Цар Самоил. За овој значаен дел од македонската историја зборуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој истакна дека историчари од соседните земји многу често се обидуваат да присвојат дел од историјата на Македонија.
– Многу историчари од нашите соседни земји и од други држави, прават обиди да ја присвојат историјата на Република Македонија, вклучително и наследството на Цар Самоил, оносно неговото потекло и периодот на неговото живеење. Она што јас сакам да го порачам е дека секојпат при градење на едно научно историско сознание треба да се користат историски факти и аргументи врз основа на кои понатаму се гради одредена теза или теорија која треба да биде потврдена, а така и со припадноста на Цар Самоил. Ние како граѓани на РМ и како охриѓани го сметаме како наш основоположник на македонското средновековно царство и како таков го прославуваме, рече градоначалникот.
На свеченоста присуствуваше и режисерот Антонио Митриќески кој го најави снимањето на филмот за Цар Самоил. Продуцент на филмот ќе биде Дејан Милошевски, а една од главните улоги ќе ја игра актерката Билјана Танески. Како што објасна режисерот Митриќески филмот ќе се снима на неколку локации во Охрид и околината, а приказната ќе ги опфаќа случувањата меѓу Цар Самоил и Василиј Втори, интригите и семејните односи во царството.
– Филмот ќе биде главна драма помеѓу два цара. Едниот ќе биде Василиј Втори кој бил еден од најаките византиски императпри, а од друга страна Цар Самоил кој на некој начин се бори против него и го формира првото средновековно македонско царство. Се работи за Цар Самоил кој има своја фамилија и има проблеми со неа зашто во дворот имало многу предавства и игри кои ќе бидат опфатени со филмот. Василиј пак немал своја фамилија и бил целосно посветен на создавање византиска држава во тоа време. Ќе бидат опфатени синовите и ќерките на Самоил и сметам дека филмот ќе допре до публиката, рече Митриќески.
Митриќески за филмот вели дека ќе биде вистински спектакл и дека во него ќе играат низа познати македонски актери.
OhridNews