Под мотото „Никваш да не се пофторит, ама и да не се заборајт“ во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани беа прославени 35 години од „Вевчанскиот случај“ во организација на Вевчани турист инфо, а под покровителство на Општина Вевчани.

Во рамки на манифестацијата беше отворена изложба со уметнички дела на вевчанските уметници Никола Угриноски, Аница Китаноска, Марјана Костојчиноска Узунчева, Симун Лешоски, Симун Коруноски, Перо Шутиноски и Коста Костоски.

Седми август, според градоначалникот Спасе Кочовски, е значаен датум за вевчанската историја.

Вевчани и вевчанецот станаа пример за непокор и достоинство. И по 35 години спомените се толку свежи, голема беше неправдата, а желбата уште поголема да го зачуваме најголемото богатство што го имаме „водата“. Овој датум е значајно сведоштво за денешните и идни генерации, рече Кочовски.

Во рамки на програмата беа емитувани автентични аудио снимки од пензионираниот новинар Драгослав Симиќ, од радио Београд, кој го следел случајот.

Инаку, „Вевчанскиот случај“ почнал на 5 и 6 август 1987, кога и покрај договорот на месните заедници од Вевчани и Октиси да се постават цевки од Вевчанските извори за водовод во селото Октиси со помал пречник, мештаните затекнале многу поголеми.

На тоа се спротиставило месното население од Вевчани, пред се жени, бидејќи поголем дел од мажите биле на печалба. Специјалната полиција за да го растера народот кој се спротивставил и кренал бунт против поставувањето цевки со електрични палки го растерувала народот, а имало и апсења.

Вевчанци не биле задоволни од понудените решенија, правдата ја барале на протести и во Скопје. Протестите траеле околу три години се до доаѓањето на Васил Тупурковски на чело на претседателското претставништво на СФРЈ, кој прифатил најголем дел од петте барања на Вевчанци.

 

OhridNews