Името и делото на Академик Грозданов меѓу истражувачите на нашата средновековна историја уметност и култура, се издвојува како исклучителна појава, како според неговиот опус така и по значењето на постигнатите резултати, неговите трајни вредности се прифатени и вреднувани како врвни достигнувања на балканската и на европската византолошка наука и медијавистика од втората половина на дваесеттиот век и првите децении на новото столетие.
Пресудно влијание на изборот на неговото образование имаат вековните традиции на Охрид, град во кој Грозданов е роден и каде во далечната 1952 година го започнал неговиот плоден професионален ангажман, прво како конзерватор на фреските во катедралната црква „Света Софија“.
Академик Грозданов, зборувајќи за Охрид и неговото културно богатство, ја издвојува истражувачката дејност на Никодин Павлович-Кондаков, академик на Руската царска академија, кој и денес важи за патријарх на истражувачката дејност во Русија. При посетата на Охрид во 1900 година Кондаков случајно во стариот иконостас на црквата Света Богородица открил сјај на злато, сребро, бисери, што е објавено во 1909 година во неговата книга „Македонија – археолошко патување“, за која Грозданов вели дека е неизоставна литература за секој научник што сака да го истражува охридското културно наследство.
Во творештвото на академик Грозданов се вбројуваат 315 библиографски одредници, научни, стручни текстови, десеттина книги посветени на македонската средновековна култура и уметност. Неговиот обемен научен опус, опфаќа периоди од најраната словенска култура и уметност, се до доцниот среден век и преродбата од 19 век.