Осмомартовските аранжмани за познатите европски дестинации останаа неисполнети. Интересот на охриѓанките да патуваат за 8- ми март од година во година е се послаб, велат од охридските туристички агенции. И годинава во нивните понуди се еднодневните или дводневните патувања за Прага, Истанбул, Рим, Венеција, Солун.

Тешката финансиска состојба во која се наоѓаат поголемиот број од граѓаните е основната причина за слабиот интерес. Можеби причина повеќе е и што празникот годинава паѓа во работен ден, додаваат од агенциите.

Од друга страна охридските хотели и ресторани веќе имаат подготвено своја понуда за осмомартовската вечер.

Засега нема голем интерес, но според искуствата од минатите години, резервациите се прават во последен миг. Се надеваме  дека нашите угостителски објекти ќе се исполнат со гости за осми март, иако мора да признаеме дека последните неколку години интересот е се послаб, велат од охридските хотели и ресторани.

Слаб е интересот и меѓу вработените во јавната администрација и образовните институции кои некогаш најмасовно го одбележуваа празникот. Како што тие велат,  последните неколку години прославата се сведува на самоиницијативни организирани излегувања во некој од охридските кафулиња.

Од одбележувањето на Денот на жената 8- ми март изгледа и годинава највеќе корист ќе имаат цвеќарите низ градот кои секоја година се преполни со цвеќа, но и купувачи на овој ден.


Можеби постепено се сменуваат навиките во однос на свадбарскиот начин на прослава, но сепак останува традицијата да се подари по некој убав цвет на своите мајки, сопруги, баби,  учителки . 

Со оглед на нивните цени, повеќе од сигурно е дека тоа нема да бидат богати буќети, туку еден скромен цвет.  

Т. К.