Новинари од повеќе влијателни медиуми од Србија од синоќа престојуваат во Охрид. Нивната посета ја организира Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид,  во насока на промоција на зимската туристичка понуда на градот.

Српските новинари ќе присуствуваат на одбележувањето на верскиот празник Водици во Охрид, на кој традиционално се собираат голем број верници.

На одбележувањето на Водици ќе присуствуваат  и членови на Балканската асоцијација на хотелиерите, како и  претставници на дипломатскиот кор. Најавено е присуство и на голем број политичари, меѓу кои и на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, како и лидерот на опозиционата СДСМ Бранко Црвенковски.

Идеја на градот Охрид и на здружението „Богојавление“ кое ја помага организацијата на Водици заедно со Македонската православна црква, е прославата на овој верски празник да биде централна манифестација во православниот свет.