Пратениците Александар Николоски и Харалампие Шокароски, денес, го предадоа во употреба новиот софистициран оторинголаринголошки уред за потребите на Одделението уво, грло, нос при охридската болница.
Како што истакнуваат од болницата, примената на новиот апарат овозможува да се оди чекор напред во однос на ефикасното работење, согласно современите светски трендови во областа на здравството.
– Станува збор за софистицираниот уред , бинокуларна конвергентна оптика кој служи за прецизно дијагностицирање и опсервирање на лекувањето после дадена терапија или заздравување после извршена микрохируршка интервенција. Како придружен елемент е пуферот со кој се има увид врз најфините движења на ушното тапанче, а добивме и нови ушни спеклуми кои се изработени од фин материјал и со кои може безболно да се вршат прегледите, објаснува д- р Ленка Беде.
Новиот уред е донација која се реализира со помош на австралиско-македонското лекарско друштво, а со посредство на пратеникот Мики Додевски.
– Ова претставува еден континуитет во вложувањето и опремувањето на охридската болница која претходно се реновира, опреми, екипира со медицински персонал,а во тек е и едукација на персоналот. Со членовите на австралиско- македонското лекарско друштво веќе е разговарано да се овозможи обука на македонски лекари во врвни болници во Австралија, меѓу кои ќе бидат и здравствени работници од Охрид, изјави пратеникот Николоски.
Директорот на болницата, д- р Љубен Арнаудов изрази благодарност за добиениот апарат и упати апел до граѓаните кои се во можност, и во иднина да донираат за потребите на здавствената установа.
– Наша генерална политика е на пациентите да им обезбедиме добра здравствена заштита со континуиран развој,набавка на нови апарати, бидејќи болницата е дел од нашето живеење, рече Арнаудов.
Пратеникот Шокароски потенцира дека со набавката на современиот уред им се излегува во пресрет на пациентите кои повеќе нема да се препраќаат за одредени посложени интервенции во Скопје, со што нема да се излагаат на дополнителни трошоци.
Т. Кувенџиска