Поради отсуство на еден од обвинетите и неговиот бранител, во Основниот суд во Струга денеска беше одложен главниот претрес во повторениот судски процес за трагичната несреќа што пред речиси една и пол година се случи на летен шанк во комплексот „Пливалиште“, при што од струен удар загинаа тројца стружани.

Како што информиравме, Јавното обвинителство пред почетокот на повторениот судски процес го измени обвинителниот акт, со што обвинетите Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески нема да одговараат како соучесници, туку ќе се утврдува одговорноста на секој од нив поединечно за кривичното дело за кое се товарат „предизвикување тешки дела против општата безбедност“.

Овој судски предмет беше вратен на повторно судење откако Апелациониот суд во Битола ја укина претходната пресудата и ја уважи жалбата на бранителите на обвинетите.

Според решението на Апелациониот суд во Битола, првостепениот суд недоволно ја утврдил фактичката положба, а немало ниту образложение какви дејствија поединечно презеле тројцата обвинети. Тие беа прогласени за виновни и им беше изречена вкупна затворска казна од 10 години и 4 месеци.

Во несреќата што се случи на 11 септември 2010 година на диво поставен шанк во комплексот Пливалиште, настрадаа тројцата долгогодишни пријатели, лекарите Јосиф Докоски (56) и Киро Ѓоргоноски (57), како и Јоско Кувенџиески (48).

Главниот претрес е одложен за 12 април.

OhridNews