Поради зголемениот број на туристи во Охрид и специфичните состојби за почитување на протоколите и мерките за заштита од Корона вирусот „Ковид-19“, 41. издание на Илинденскиот мал пливачки маратон е одложено и нема да се одржи во стандардниот термин на празникот Илинден, 2-ри Август, како што беше претходно најавено, соопштија организаторите.

Малиот пливачки маратон годинава ќе се одржи во некој од наредните викенди во месец август, а точниот термин за одржување ќе биде дополнително соопштен. – стои во известувањето.

Организатор на овој традиционален спортски настан е пливачкиот клуб „Охридски бранови“, а покровител е градоначалникот Константин Георгиески, односно Општина Охрид.

Претходно Пливачката федерација ја откажа организацијата на Големиот пливачки маратон кој воопшто нема да се одржи оваа година поради кризата предизвикана од пандемијата со вирусот Ковид -19. Исто така откажана е и 10-километарската трка од светската серија на ФИНА.

Г.М.