Судскиот процес за убиството на српскиот државјанин Дејан Новаковиќ, што се случи минатата година во Охрид, а кое по одлуката на Апелациониот суд во Битола денеска требеше да почне од ново, е одложен.

Причина за одложувањето е спреченост на бранителите на еден од обвинетите да присуствуваат на рочиштето поради претходно закажани обвски, односно семејни причини.

Поради тоа судењето е одложено за 30-ти ноември.

Во меѓувреме адвокатите на одбраната очекуваат нивните клиенти до сабота да бидат пуштени од притвор и да се бранат од слобода, затоа што, како што посочија, тогаш истекува една година од покренување на обвинението и согласно законот мерката притвор се укинува.

Судењето за убиството на 34-годишниот Дејан Новаковиќ започна во Основниот суд во Охрид, кој подоцна беше изземен, а предметот беше предаден на Основниот суд во Прилеп  кој обвинетите ги прогласи за виновни за кривичното дело „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“. На првообвинетиот Митре Костоски му беше  изречена затворска казна во времетраење од 4 години, на второобвинетиот Илче Јоноски исто така затворска казна во траење од 4 години и 6 месеци, додека на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој се уште е во бегство и му се судеше во отсуство, му беше изречена казна затвор од 5 години. Четвртообвинетиот Ѓоко Наумоски, кој не учествувал во инцидентот поради помагање доби затворска казна од една година.

Постапувајќи по жалба на одбраната Апелациониот суд донесе одлука предметот да биде вратен на повторно судење во Основниот суд во Прилеп.

OhridNews