На Миладинови требаше да им се суди за случајот со струшкиот хотел Изгрев, односно за кривични дела перење пари , давање лажни податоци.
Неколкумина од бранителите побараа, а судот прифати нови термини за судење, оти адвокатите беа зафатени со судски процес за случајот Пепел, и обвинетиот Бајруш Сејдиу, кој истовремено се одвиваше во Апелациониот суд. Судењето е презакажано за следниот месец.
“Очекувам апсолутно ослободителна пресуда и во повторената постапка. Очекувам обвинителот да го повлече обвинението тоа би било коректно во целата оваа постапка”, изјави Ѓорѓи Миладинов еден од браќата.
Истото го потврди и нивниот бранител адвокатот Драган Гоџо.
”Во најмала рака очекував да реагира обвинителството на обвинителниот акт по изјавите дека самите нашле грешка во истиот. Лично очекував да биде повлечен обвинителниот акт, но ќе видиме. Ние сме сега на потег во однос на докази, на потег е обвинителот дали ќе интервенира во текстот на обвинението. Од наша страна нема да биде повикана МПЦ како сведок”, рече Гоџо.
Миладинови по вторпат ќе седнат на обвинителна клупа. Еднаш беа осудени на по 6 и пол годишни затворски казни. Но Апелациониот суд ги укина, а вишото јавно обвинителство призна дека обвинителниот акт бил полн со грешки. Миладинови по подолг престој во притвор веднаш беа ослободени да се бранат од слобода.
Во истата постапка одговараа адвокати, судии, нотар и други соработници на Миладинови. Неколкумина добија казни, а некои беа ослободени од обвинение. Сега сите повторно ќе одговараат оти според обвинителството Миладинови зеле кредит за реновирање на хотелот Изгрев, но парите ги потрошиле за други потреби и не ги вратиле. Во текот на првата постапка тие докажуваа дека парите се вратени на банката.
ивор:„Макфакс“