Програмскиот совет на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, соочен со најновата здравствена ситуација во земјата, одлучи одржувањето на оваа, единствена манифестација од овој вид кај нас и во регионот, да биде одложено за еден месец подоцна.
Манифестацијата, традиционално, се одржува кон крајот на јуни во годината.
Подготовките течеа нормално за терминот 19 – 23 јуни. Никој не очекуваше, состојбата со корона вирусот Ковид – 19, во моментот кога дојде до смирување, дека, повторно ќе ескалира. Поканите беа испратени, учеството го потврдија млади поетски надежи од нашата земја, Србија, Бугарија, Република Српска, во БИХ, Албанија и Грција. Кога веќе се сконцентрира толку ентузијазам, сила и инцијативност кај организаторот, Здружението за култура, литература и издавачка дејност „Мацково” од Охрид, тогаш мораме да направиме се, манифестацијата да не биде прекината, ако треба и со користење на интернетот и виртуелното поврзување. – вели поетот Тоде Илиевски.

Покрај млади учесници од регионот, во својство на ментори, доагаат познати имиња во светот на поетското создавателство. Валерио Орлиќ, поет и почесен претседател на Хрватското книжевно друштво, Мајо Даниловиќ, истакнат поет, член на Светската академија на поезијата и претседател на Комисијата за словенскиот свет и други.
Од Македонија, меѓу учесниците ќе бидат: поетот, професор Христо Петрески, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, професор Живко Андреевски, професор Трајче Кацаров, добитник на наградата Ванчо Николески на ДПМ и други.
Министерството за култура, иако инсистира на партнерска поддршка на проектите, во случајот на оваа манифестација го прескокнало фактот дека станува збор за регионален проект, кој има декларативна и финасиска поддршка од три општини: Дебрца, Охрид и Вевчани. Наместо да ги зголеми ланските, скромни, средства, годинава ги намали. Исто така, не нашло за потреба да ја поддржи Тематската: “ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА И КРЕАТИВНА ОБНОВА НА ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА И МЛАДИ”, со поднаслов: “ЦАРСТВОТО НА ДЕТСКАТА ЛИТЕРАТУРА – ВАНЧО НИКОЛЕСКИ”, организирана во чест и по повод одбележувањето на 108 годишнината од раѓањето и 40 години од смртта на Ванчо Николески.
OhridNews












