Рочиште за случајот „поткуп“ е одложено за трети април, поради тоа што не се појави лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој е во Сараево на доделување на награда за најдобар градоначалник во југоисточна Европа, jaвува Телма.

Во предметот поткуп Заев се товари за барање и примање поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев. На предходното рочиште одржано на крајот на јануари, одбраната на Заев бараше изземањето на обвинителот Златко Биковски, затоа што според нив тој е дел од злосторничкото здружение кое со злоупотреба на јавното обвинителство политички го гони лидерот на СДСМ. Тоа рочиште беше одложено, а барањето за изземање не е прифатено. Биковски како обвинител дојде во овој случај на последното рочиште за да го замени обвинителот Владимир Милошевски на кого му е истечен мандатот уште на 30 ноември минатата година. 

Од друга страна, веќе неколку рочишта не доаѓа ниту сведокот, струмички бизнисмен, кој во рамките на посебните истражни мерки го снимал Заев во кабинетот како му нуди поткуп. 

OhridNews
извор: „Телма“