Почетокот на судењето за случајот „Јустиција“ во кој обвинети се судии и стручни соработници од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 се одложи за 27 октомври поради неуредна достава и поради болест на неколку од обвинетите.

Во обвинението се вели дека обвинетите воделе постапка без да се појават странките, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивно застарување, асе ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.

Ефто Спировски, адвокат на дел од обвинетите, смета дека целиот случај е фарса за понижување на големи професионалци со над 30-годишно судиско искуство, но дека овој случај е и навреда и понижување за целото правосудство.

„Ова е голема навреда и понижување, не само лицата за кои се води постапката, туку за целото судство. Едноставно ова не смееше да се случи. Ова обвинение е нелогично и неразбирливо. Обвинетите се луѓе кои биле беспрекорни во својата работа. Тие не ваделе една норма туку трострука норма и за тоа место да бидат наградени, тие се обвинети“, рече во изјава за новинарите адвокатот Спировски.

Според бранителот, главниот проблем во случајот е во погрешна поставеност на целото судство.

„Главна грешка е што се укина Судот за прекршоци. Не можете да укинете еден суд во град од околу 700.000 жители со огромен број фирми кои функционираат на територија на Скопје, кои при своето работење прават огромен број прекршоци од сите области. Не можете да укинете суд кој за пола Македонија треба да врши работа и да го направите Одделение со огромен број предмети. Во оваа прилика апелирам дека мора тој суд да се воспостави“, рече Спировски.

Во акцијата „Јустиција“, која се случи лани во октомври, беа уапсени дваесет и пет лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 под сомнение за кривичното дело несовесно работење во службата. Јавно обвинителство – Скопје, во меѓу време, склучи седум спогодби со судии и судски службеници кои ја признаа вината и тие беа осудени на условна казна. Против петмина, пак, кривичната постапка беше запрена бидејќи се утврдило дека нема кривично дело кај нив.

Со обвинението се опфатени 13 лица. Меѓу нив има и пензионирани судии, додека останатите, кое се во работен однос, се суспендирани од работа. Сите обвинети се бранат од слобода.

OhridNews

Извор: „Макфакс“