Одложено судското рочиште за трагедијата кај струшко Пливалиште, во која пред точно две години, од струен удар на нелегален шанк поставен на плажата „Галеб“ во центарот на Струга, животот го загубија д-р Јосиф Докоски, д-р Киро Ѓоргоноски и Јонче Кувенџиески.

За денес закажаното продолжение од повторениот судски процес, на кое беше предвидено дополнително сослушување на вешто лице од Електромашинскиот факултет, беше одложено, како што беше наведено- од објективни причини.

– Ново вештачење нема да има. Определено е да се изврши дополнителен распит на вештото лице за одредени околности кои сметаме дека ќе допринесат да се разјаснат некои факти кои сметаме дека ќе одат во полза на одбраната, вели Димитрија Цобоски, адвокат на еден од обвинетите.

Новото судско рочиште е закажано на 2- ри октомври.

Трагичниот настан се случи на 11 септември 2010 година. По завршување на истрагата беше покренато обвинение против сопствениците на шанкот Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески, кои Основниот суд во Струга ги прогласи виновни за кривичното дело „Предизвикување тешки дела против општата сигурност на луѓето“ и им изрече вкупна казна затвор во траење од 10 години и 4 месеци. Во ноември минатата година Апелациониот суд во Битола расправајќи по жалба на обвинетите ја укина оваа пресуда и предметот го врати на повторно судење.

Денес, пред спомен обележјето поставено на местото на кое се случи трагедијата, од страна на блиските на загинатите беше положено свежо цвеќе. 

OhridNews