Одлуката за изземање на Кривчниот совет предводен од судијката Милка Танеска од случајот за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, што се води пред Основниот суд во Охрид, е незаконска, смета Игор Кичеец, еден од адвокатите на одбраната.

– Одлуката за изземање на Кривичниот совет од постапката е донесена на барање на полномошникот на семејството Новаковиќ, односно на оштетените, кој според Законот за кривична постапка не е странка во судскиот процес. Таквo барање до судот може да поднесат само странките во постапката, а тоа се овластениот тужител и одбраната, но не и полномошникот на оштетените.-изјави за OhridNews, адвокатот Игор Кичеец.

Тој не ги коментираше причините за донесување на одлуката, посочувајќи дека согласно законот истата не може да биде обжалена, иако  е незаконска.

Одлуката за изземање на Кривичниот совет и судијката Милка Танеска од случајот Новаковиќ, може да предизвика технички проблеми во понатамошната постапка затоа што Основниот суд во Охрид ќе се соочи недостаток на кривични судии кои можат да го водат процесот. Како што сме информирани судиите од Основниот суд во Охрид даваат изјави за изземање затоа што веќе постапувале по предметот во истражната постапка и согласно законот не можат да го водат процесот, освен кривичниот судија Милчо Клишески. Поради тоа можно е да се појави технички проблем околу составување на новиот Кривичен совет со што Основниот суд во Охрид би бил во неможност да постапува по предметот.


Кривичниот совет кој го водеше случајот

Како што е познато, претседателот на Основниот суд Охрид, Владо Дејаноски, на барање на полномошникот на семејството на убиениот српски турист, во понеделникот донесе решение за изземање на Кривичниот совет кој го водеше судскиот процес за убиството на српскиот турист, поради пропусти во постапката. Како што информираа тогаш од судот, до крајот на неделата ќе се конституира нов Кривичен совет и судењето ќе почне одново во Основниот суд во Охрид. Оттаму засега официјално не ги коментираат наводите на адвокатите на одбраната околу изземањето на Кривичниот совет од случајот Новаковиќ

За смртта на 34-годишниот белграѓанец се обвинети две лица од Охрид, кои  се товарат за кривично дело свирепо убиство, додека едно лице, исто така од Охрид, е обвинето за помагање по извршено кривично дело. Истовремено за свирепо убиство се товари уште едно лице државјанин на Република Србија, кој засега е недостапен за органите на прогонот.

Судскиот процес за убиството на Дејан Новаковиќ почна на 22-ри февруари без присуство на медиумите, што беше наведено како една од причините за изземање на Кривичниот совет од случајот.

Горан Момироски