Азил му е одобрен на Груевски, под наслов ексклузивно, унгарскиот весник Маѓар Идок тврди дека поранешниот македонски премиер добил азил во Унгарија. Информацијата ја објави весникот Идок кој во Унгарија важи за близок до власта и до партијата Фидеш на Орбан, што според тамошните новинари значи дека информацијата доаѓа од владини извори, информира телевизија Телма. Во текстот не е наведена ниту една официјална потврда, а од центарот за азил и емиграција не ја потврдиле информацијата.

Во меѓувреме од министерството за правда информираат дека испратено е барањето за екстрадиција на Никола Груевски до Министерството за правда на Република Унгарија.

„Барањето за екстридиција се однесува за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата“ се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Во барањето, како што се наведува, е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција.