Лидерите на надворешно-политичкиот одбор на американскиот Сенат постигнале договор околу нацрт одобрувањето за примена на воена сила против Сирија. Со ова отворен е патот на гласање по нацртот на состанокот на одборот, а доколку биде одобрен, тој потоа ќе биде испратен до Сенатот на гласање на 9-ти септември.

Претставничкиот дом исто така мора да ја усвои сопствената верзија на военото одобрување, по што би се усогласиле верзиите на двата дома на парламентот, кои потоа би биле предадени до Обама за да ги потпише. Во нацртот на ограниченото одобрување за воените сили, бил поставен лимит од 60 дена за американска воена акција во Сирија, со можност за продолжување од 30 дена, во зависност од ситуацијата.

Американскиот претседател Барак Обама најави дека ќе бара одобрување за воен напад над Сирија поради нападите во земјата за кои САД тврди дека се извршени со хемиско оружје, и во кои загинаа најмалку 1.429 цивили.

Оваа одлука го подготвува теренот за најважното гласање околу надворешната политика во Конгресот, од војната во Ирак, а гласањето би можело да се случи кога пратениците ќе се вратат од летниот одмор, кој завршува на 9-ти септември.

Според компромисниот договор кој го постигнале претседавачкиот одбор за меѓународни односи во американскиот Сенат, демократот Роберт Мендез и републиканскиот сенатор Боб Коркер, во нацртот е содржана одредба за користење на копнена офанзива во Сирија.

OhridNews

Makfaks