Владата најавува воведување систем за издавање на одобренија за градба по електронски пат. Тоа значи дека градежните дозволи ќе можат да се добиваат побрзо, а контролата врз овој процес ќе биде уште позасилена од претходно, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Целта на системот е да овозможи следење на процесот за издавање одобренија за градба, како на државно, така и на ниво на секоја општина, преку управување со процесот, потребните чекори, документи, проследување до надлежните институции и сектори, со запазување на законските рокови и надлежности. Процесот, истакнуваат од Министерсгвото, го опфаќа целиот циклус од аплицирање до издавање одобрение за градба.

Како што укажуваат од надлежното министерство, од електронското издавање на градежните дозволи, најголеми придобивки ќе бидат брзото и ефикасно поднесување на барањето без чекање редици, нервози и запазувањето на роковите, како и транспарентноста во целиот процес на негово одобрување, преку увид во секоја фаза и чекор од процесирањето. Дополнително на ова, посочуваат, ќе има и намалување на трошоците за поднесување бидејќи ќе се приложуваат дигитални верзии на документите, а нема да мора да се печатат и умножуваат. 

Реформата  треба да овозможи забрзано делување и на администрацијата и дигитално поврзување на сите институции кои се вклучени во процесот, за да се зголеми ефикасноста во работењето и контролата.

OhridNews