Во охридските месарници и маркети се почитуваат одредбите да не се продава рефус мелено месо, кои почнаа да се применуваат од месец септември, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Се соочивме со помали проблеми додека сопствениците на месарниците ги прифатија новите одредби. При извршените проверки во септември беа запленети и уништени околу 40 килограми месо и беа изречени опомени, но сега при контролите кои се вршат редовно, не се откриени остапувања од она што се предвидува со правилникот во однос на квалитетот на меленото месо, велат од Агенцијата.
И охриѓани се задоволни од спроведените измени и од квалитетот на понудата на мелено месо во месарниците низ градот.
– Секако дека е многу подобро кога самиот купувач го избира парчето свежо месо кое потоа ќе го купи како мелено месо. Јас лично и претходно секогаш сум инсистирал да ми го мелат месото пред мене, и тоа не претставувало проблем затоа што секогаш пазарам во локална месарница во која сум редовен муштерија. Но, можам да забележам дека сега тоа е редовна пракса и во останатите месарници и маркети низ градот, вели постар охриѓанец.
Според одредбите од Правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, рефус меленото месо како категорија не смее да се продава, освен ако е соодветно пакувано и декларирано. Во месарница може да се меле само по барање на купувачот и тоа пред него, од парче месо кое тој ќе го одбере.
Со Правилникот, мелено месо може да се прави само од месо од прва или од втора категорија. Во него не смее да има сврзно ткиво, кожа, ‘рскавици, ниту внатрешно органи од животни. Забрането е користење саламурено месо и додавање вода и сол. За мелење може да се користи замрзнато месо, но не подолго од 18 месеци за говедското, 12 месеци за овчото и шест месеци за свинското.
Пред воведувањата на измените на правилникот, во дел од месарниците, при мелењето на месото се додаваа и ‘рскавици, делови од главата, од дијафрагмата, од нозете на животните, масно ткиво, како и соја и вода за да биде потешко, што најчесто беше и причина меленото месо да е многу поевтино од свежото.
Т. К.