Во просториите на ХЕС „Црн Дрим“ во Струга беше одржана работилница организирана од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС, во рамки на европскиот проект NATURE-DEMO (Nature-Based Solutions for Demonstrating Climate-Resilient Critical Infrastructure, www.nature-demo.eu), финансиран од Европската комисија. Настанот беше посветен на демо-локацијата на хидроелектраната ХЕС Глобочица, каде за првпат во државата се тестираат природни пристапи за заштита и подобрување на функционалноста на инфраструктурата.

Проектот има за цел да развие и демонстрира решенија кои ја зголемуваат отпорноста на критичната инфраструктура во услови на екстремни климатски ризици, како што се поплави, ерозија и екстремни временски настани. Овие решенија комбинираат традиционални инженерски методи со одржливи природни пристапи кои ја користат природата како дел од системот за заштита, информираат организаторите.

На работилницата беа презентирани анализи, проценка на ризици и практични решенија за демо-локацијата, како и дискусии за примена на природни пристапи во поширок контекст.

Во рамки на истата, посочуваат, учесниците од локалните самоуправи на Струга и Охрид, претставници од ХЕС „Црн Дрим“, јавните претпријатија, невладините и граѓански организации и приватниот сектор, учествуваа во анкета за оценка на концептот и предложените природно-базирани решенија (NbS).

Тие генерално оценија дека концептот е јасен и дека мерките се важни и применливи за заштита на инфраструктурата и за унапредување на еколошките услови. Најзначајни аспекти според анкетираните се заштитата на инфраструктурата, еколошкиот и социјалниот аспект, додека главните предизвици за имплементација се локални услови, теренски ограничувања и потребата од поголема соработка и едукација на заедницата. Учесниците истакнаа дека за успешно прифаќање на ваквите решенија од локалното население е потребна јасна информираност, презентација на придобивките и тесна соработка со институциите.

Речиси сите учесници веруваат дека предложените природни решенија се долгорочно одржливи и дека нивната примена ќе донесе почиста животна средина, поголема заштита од климатски ризици и долгорочна одржливост на инфраструктурата.

Проектот NATURE-DEMO, под организација на ИЗИИС и со поддршка на ХЕС „Црн Дрим“, е дел од европските напори за унапредување на отпорноста на критичната инфраструктура преку иновации и одржливи решенија, со потенцијал за примена и во поширокиот регион.

OhridNews