Во охридскиот Основен суд денес се одржа главното рочиште од спорот меѓу тужителот, секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески и тужениот советник Дејан Блажески, за навреда и клевета во врска со проектот Лизгалиште.
Како што рече во својот исказ пред судот тужителот, Димитар Спасески, причина за поднесување на тужбата е што од страна на Блажески на прес конференција на 12- ти јануари годинава бил директно посочен дека потпишал штетен, криминален договор за реализација на проектот Лизгалиште.
–Тоа беше изнесено во период на празници, при што мојот мир и на моето семејство беше нарушен со искажани невистини околу потпишаниот договор. Одговорно тврдам дека до денес не сум потпишал било каков договор. Сите договори во локалната самоуправа ги потпишува градоначалникот, од тие причини не сум имал можност да потпишам договор, а особено не некаков криминален или штетен за таканаречената „афера лизгалиште“. По одржаната прес конференција на советникот, наредниот ден во детали одговорив на сите наведени прашања за кои бев повикан. Побарав и извинување за упатената навреда, но наместо извинување почна постапка за правдање и следна прес конференција со бомбастично зборување за афера, па барања за увид во договорот со цел да се оправда првично изнесеното на првата прес конференција. За мене би било прифатливо ако тужениот прво прибереше факти и излезеше на прес врз основ на утврдената состојба, а не прво на прес се изнесуваат тешки квалификации, а потоа се согледуваат документи кои за жал ниту еден не беше во прилог на претходно кажаното од Блажески, рече Спасески.
Тој додаде дека кај тужениот не видел каење, напротив тој и понатаму ја користел секоја можност за провокации. Спасески потенцира дека тужениот советник морало да знае кој потпишува договори во локалната самоуправа.
Тужениот Дејан Блажески во својт исказ потенцира дека пред да ја одржи прес конференцијата на 12- ти јануари на седница на совет тој заедно со друг советник побарале информација околу договорите за реализација на проектот Лизгалиште, но одговор не добиле.
– На прес конференцијата јас говорев за она што претходно се говореше во дел од медиумите дека проектот Лизгалиште е афера. Од локалната самоуправа беше кажано дека лизгалиштето е поставено како урбана опрема, но тоа е лага бидејќи не е помината како таква на седница на совет, а имаше и комерцијална намена. На прес конференцијата повикав јавен обвинител да поведе постапка и го испита случајот, но тоа не го побарав лично, туку како претставник на Либерално- демократската партија, рече Блажески.
Главното рочиште заврши со завршни излагања на правните застапници на двете страни. Адвокатот на тужителот рече дека очигледна била намерата за клевета на тужениот во изнесеното на прес конференцијата и дека тужениот како советник морал да знае кој во име на локалната може да склучува договори и дека правото на тужителот е повредено, поради што од Блажески се бара отштета во висина од 300.000 денари.
Адвокатот на тужениот повтори дека Блажески само побарал врз основ на информации претходно изнесени во медиумите, кои создале сомнеж за незаконито работење, да се испита случајот. Додаде дека во изнесеното на Блажески биле содржани прашања и дека изразите биле внимателно користени и дека немале карактер на клевета, ниту пак намера од тужениот да се повреди тужителот. Адвокатот побара да се одбие барањето на тужителот за надомест на штета.
Пресудата за случајот се очекува да биде соопштена во текот на наредната седмица.
Т.К.