На јубилејните 25 години од „Вечерите на Живко Чинго“, вчеравечер, општина Охрид и Месната заедница Велгошти на достоинствен начин го чествуваа делото на великанот на Македонскиот роман и расказ, големиот Македонски раскажувач, романсиер и драмски писател Живко Чинго.
Делегации на општина Охрид, Месната заедница Велгошти, политички партии, здруженија на граѓани и поединци положија свежо цвеќе пред споменикот на писателот.
По прекрасните звуци на Игор Бежаноски, во прекрасниот амбиент на атарот на црквата „Света Петка“ пред присутните се обрати претседателот на Советот на општина Охрид, д-р Гордана Коњановска.
– Како и секоја година, така и оваа, на овој ден го чествуваме ликот и делото на најголемиот македонски раскажувач, голем човек и пријател Живко Чинго. Токму овде, во кругот на манастирот Св. Петка уште еднаш, Општина Охрид заедно со Месната заедница од Велгошти ја организира оваа манифестација во знак на вечното помнење на големиот книжевник. Ова секавање ќе го обновуваме секоја година со што ќе покажеме дека овој македонски раскажувач никогаш нема да биде избришан од нашата меморија.Со манифестацијата „Вечери на Живко Чинго“, исполнуваме дел од обврската да го почитуваме творечкиот дух на сите великани кои оставиле белег во богатата историја на Охрид. Во агендата на Општина Охрид секогаш ќе бидат оние кои придонеле Охрид да биде запамтен, а Живко Чинго е меѓу првите, рече Коњановска.
Претседателот на Советот, во рамките на манифестацијата, му ја врачи наградата на авторот на првонаградениот расказ од општинскиот литературен конкурс,книжевникот од Битола, Петре Димовски кој при тоа одржа беседа за Живко Чинго.
Програмата беше збогатена со настапот на КУД „Иинден“ којо се претстави со сплет од народни песни и ора.
OhridNews