Првото подготвително рочиште од судскиот процес во кој премиерот, Никола Груевски, го тужи лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, за клевета, се одржа денеска во Основниот суд Скопје 2 без присуство на тужителот и на тужениот.
На почетокот на рочиштето одбраната го извести Судот дека непосредно пред судењето добиле известување од ликвидационото одделение на судот, што тие го побарале пред две недели, и побараа одложување на рочиштето за да имаат време да го разгледаат материјалот.
Адвокатот на Груевски, Никола Додевски, рече дека одбраната, како и на минатото рочиште коешто беше одложено, со злоупотреба на процесните права се обидува да го спречи почетокот на подготвителното рочиште што, според него, зборува за неподготвеноста да се соочи со последиците од своите дејствија на судење. На ова еден од шестмината адвокати на Заев, Мирослав Вујиќ, рече дека нивното барање за одложување на денешното рочиште се заснова на одредби од Законот.
Судијката го одби ваквото барање и го отвори првото подготвително рочиште на кое беа образложени тужбата и одговорот на тужбата.
Адвокатот Додевски образложувајќи ја тужбата нагласи дека се работи за изнесување невистини од страна на тужениот со намера да му се наштети на тужителот и на неговиот углед и чест.Според него, Заев ги изнесувал овие невистини за да се стекне со подобра позиција, а тоа, додаде, се поткрепува и со фактот дека ја пласираше аудио снимката во јавност за време на изборната кампања.
Тужителот истакна дека снимките не може да се земат како релевантен доказ и му предложи на судот да не ги прифати, како и резултатите од вештачењето на снимката. Поинаква одлука, додаде, би бил правен преседан што би имал последици за целиот правен систем.
На ова еден од адвокатите на Заев, Филип Медарски рече дека снимките се интегрален дел на прес конференциите што ги давал Заев во врска со содржината на истите, односно дека на нив тој изнесуваше делови од споменатото видео. Во врска со наводите на Додевски дека видеата не може да претставуваат доказ според законот, Медарски рече дека тие се прибавени според Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка.
Освен неприфаќење на аудио снимките како доказ, Додевски пред судот го постави и прашањето за сведоците и побара одбраната да се изјасни дали останува на одлуката за двајцата сведоци Јовица Стефановиќ Нини и Ден Дончев, со оглед на тоа што, како што рече, за едниот немаат адреса, а другиот живее во Австралија. На тоа одбраната одговори дека Дончев е подготвен да дојде во Македонија да сведочи, а Законот предвидува дека може да биде сослушан и во Австралија. Инаку Дончев е лицето чиј глас се слуша на снимката и кое ја договара провизијата од 1,5 милиони евра за тужителот, појасни еден од автокатите на Заев.
Рочиштето сé уште траеше во рантие попладневни часови и останува Судот да се изјасни дали ги прифаќа сите предложени докази и сведоци.
Инаку, додека се одвиваше рочиштето судијката повеќепати ги опомена двете страни за мир во судницата кои во повеќе наврати вербално се судрија.
Првото закажано подготивтелно рочиште на 19-ти јуни беше одложено поради обемност на материјалот што требало да биде разгледан од двете страни и од судот.
Груевски во април поднесе тужба за клевета против Заев по објавувањето на уадио снимка во која тој тврди дека Груевски се стекнал со кеш од околу 2.400.000 евра од продажбата на 51 проценти од акциите на Македонска банка.
OhridNews
извор: „Макфакс“