Германската компанија „ODW ELEKTRIK“ која според најавите ќе отвори фабрика во Охрид, започна со селекција на кандидатите за вработување. Дел од менаџерскиот тим на компанијата пред околу десетина дена побарал од охридскиот Центар за вработување да изготви предлог листа на невработени, кои по квалификациите и работното искуство ќе можат да одговорат на потребите на компанијата.
-Нашиот центар се јавува само како посредник при селекција на кандидатите за вработување, а изборот на кандидатите ќе си го врши компанијата. Од нас со официјален допис од компанијата беше побарано да изготвиме листата на невработени од нашата евиденција, кои имаат соодветни квалификации од електро-машинските струки, кои познаваат англиски или германски јазик, основни компјутерски програми и имаат соодветно претходно работно искуство. По барање на менаџментот пред неколку дена во просториите на Центарот за вработување, беше организирана и презентација на компанијата, начинот на производство и нејзините бизнис планови во Охрид. На презентацијата ние ги поканивме невработените лица кои врз основа на квалификациите, веќе ги селектиравме од нашата евиденција и секако интересот беше голем, велат од Центарот за вработување во Охрид.
Од таму објаснуваат дека на листата на невработени со содветни квалификации која е испратена до „ODW ELEKTRIK“ има околу 30 лица од женски и околу 30 лица од машки пол што биле дел од листата на невработени, кои активно бараат работа.
-Според најавите од компанијата, тие самите ќе направат избор од посочената листа која им ја испративме и најверојатно дел од избраните кандидати ќе бидат испратени на обука, пред почетокот на летото. Фабричкиот погон во Охрид би требало да стартува со работа во јули или во август. Од „ODW ELEKTRIK“ најавија дека во текот на наредните 3 до 4 години за потребите на фабриката во Охрид, планираат да вработат од 800 до 1000 лица, информираат од Центарот за вработување во Охрид.
Инаку минатиот месец директорот на Дирекцијата за слободни економски зони, Виктор Мизо изјави дека овој германскиот инвеститор најпрвин ќе работи во постоечкиот објект, а потоа ќе започне со градба на својот објект во слободната економска зона, лоцирана во близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“.
– „ODW ELEKTRIK“ официјално објави дека донесе одлука да инвестира во Охрид со вработување од вкупно 1000 луѓе. Таа компанија е директен добавувач на американската компанија, која ќе започне со изградба на фабрика за воздушни перничиња во Кичево. Што значи дека започнува цел тој ланец на компании и нивни добавувачи да доаѓаат во Македонија, изјави Мизо на 19-ти април 2014 година во Охрид.
Лудвиг Батон, директор на „ODW ELEKTRIK“ за медиумите изјави дека причината зошто решиле да инвестираат во Македонија, се квалификуваната работна сила, добрата индустриска традиција, искуството во индустријата.
-Во декември минатата година се одржа автомобиска конференција во Берлин на која што се сретнавме со Виктор Мизо и така започна иницијативата да ја посетиме Македонија. Потоа присуствувавме на македонското роуд шоу во Штудгард и потоа ја посетивме Македонија во неколку прилики, посетувавме градови, инвеститори, изјави неодамна Батон.
„ODW ELEKTRIK“ има над 2.000 вработени во своите капацитети во Германија, Унгарија и Украина. Оваа компанија произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови како Мерцедес, Порше, БМВ и Фолсваген.
E.M