Министерството за економија, согласно Законот за туристичка дејност , а врз основа на извештаите од Државниот пазарен инспекторат, изврши одземање на лиценцата за вршење на туристичка дејност на туристичката агенција „Летс Травел“ доо-Охрид.

Имено, на барање на Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат извршил контрола на просториите на агенцијата во Скопје и Охрид, при што е констатирано дека и двете канцеларии на „Летс травел“ се затворени и неколку денови по ред одговорните лица на оваа агенција се недостапни. По направената контрола, записникот и целокупната документација била доставена до Министерството за економија, врз основа на што било изготвено решение за одземање на лиценцата за работа на оваа туристичка агенција, која стапи на сила на 12.09.2012 година, а „Летс травел“ е избришана од Регистарот на туристички агенции во Република Македонија.

Во насока на изнаоѓање на целосно решение за проблемот предизвикан од „Летс травел“ со кој се соочија 19 туристички агенции, членки на Стопанската комора за туризам на Република Македонија, министерот за економија Ваљон Сараќини на 15 септември одржа средба со Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Н.Е. Ѓурол Сокменсуер, на кого му го претстави проблемот и проценетата штета од 86 илјади евра, која ја претрпеа македонските агенции, барајќи од турската страна да вложи максимални напори за изнаоѓање на решение. Амбасадорот Сокменсуер изрази жалење упатувајќи уверување дека Република Турција ќе работи засилено на лоцирање на проблемот и изнаоѓање начин за комплетно обесштетување на македонските агенции, согласно законот.

OhridNews