Оттаму објаснуваат дека по реакциите од страна на жителите од ова населено место, од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам биле преземени мерки согласно законските надлежности пропишани во Законот за градење, односно направен бил увид и му било дадено укажување на Градоначалникот на општина Охрид, во чија што директна надлежност е конкретниот објект, да го спроведе извршувањето на решенито за отстранување донесено од страна на овластен градежен инспектор.
– По непостапувањето по укажувањето од страна на градоначалникот Петрески, за овој предмет на општина Охрид и се одземени надлежностите. Оттука, нејасно е зашто градоначаникот Петрески ја информира јавноста за рушењето на овој објект, кога општина Охрид веќе нема надлежности да постапува по истиот, потенцираат од надлежното министерство.
Информацијата ја потврдија и од страна на локалната самоуправа, од каде изјавија дека својот официјален став ќе го соопштат во текот на утрешниот ден. Оттаму, нагласуваат дека во случајот со Трпејца не треба да се постапува селективно само во посочениот објект, бидејќи во атарот на селото евидентирани се околу 50 бесправно изградени објекти.
Претходно, во изјава за медиумите градоначалникот Петрески рече дека сопственикот на објектот „Ив-Ире“ започнал да го руши бесправно изградениот дел од објектот, по добивање на решението за рушење, кое минатата недела му било издадено по негативниот одговор на неговото барање за легализација на објектот.
Петрески рече дека во решението за уривање стои дека доколку сопственикот во рок од 15 дена не го урне бесправно изградениот објект, локалната самоуправа ќе го стори тоа.