ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид беше домаќин на третиот работен состанок за имплементација на проектот за дигитално училиште DigitalVet кој се спроведува во рамките на Еразмус+ програмата.
Целта на овој проект е да се создаде интерактивна лабораторија во реално време преку користење на програма за симулација за проучување на паметни куќни системи. Преку оваа виртуелна лабораторија, покрај изучувањето на теоретските лекции ќе постои и апликација за симулација на работата на одредени паметни куќни системи. На овој начин учениците користејќи ја виртуелната лабораторија ќе можат да стекнат искуство за работа и во реални ситуации, информираат од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
На работниот состанок освен претставниците од нашиот училиштен центар, зедоа учество и претставници од Средното техничко училиште од Колчук и Робкод од Турција, InterCollege од Алборг, Данска, GRETB од Галвеј, Република Ирска, второто средно стручно училиште од Хераклион, Грција и училиштето Мигуел Алтуна од Бергара, Шпанија, а обраќање имаше и директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, професорот Сашо Недески, кој им поска добредојде на учесниците и успешна работа, велат од училиштето.

Се претстави начинот на работа на програмата за симулација при што беа дадени одредени предлози за подобрување на самата платформа. Во наредниот период ќе се изврши и тестирање на платформата преку вклучување на учениците од партнерските средни училишта кои се дел од овој проект. Како дел од оваа средба беше организирана и посета на фабриката Костал која претставува партнерска компанија на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во проектот на дуалното образование при што учесниците беа запознаени со самата компанија и со дел од нивното производството, додаваат од училиштето.

Во рамките на оваа среба учесниците биле запознаени и со убавините и културно историските знаменитости на Охрид, а била организирана и посета на музејот на вода „Заливот на коските“ и манастрискиот комплекс Св. Наум.
Следната средба, информираат од училиштето, е закажана за во декември, а домаќин ќе биде InterCollege од Алборг, Данска.
OhridNews













