Целосна вертикална и хоризонтална пристапност на 14 образовни институции – шест основни, и по четири средни и високо образовни установи ќе се обезбеди преку проектот „ЕУ за вклучување“ којшто се реализира преку Акциската програма на 2019-ИПА 2. Меѓу нив и средното училиште во Охрид, ОЕМУЦ Св. „Наум Охридски“.

Како што соопштија од МОН, токму денеска се одржа координативна средба со Архитектонскиот факултет, Градежниот факултет, Економскиот факултет, Правниот факултет, Филозофскиот и Филолошкиот факултет со што се означи договорот за започнувањето на градежните активности во текот на овој зимски семестар и се истакна важноста од обезбедувањето на пристапноста на високообразовните установи во државата, вклучени во Проектот за непречен пристап кон образовни институции.

Очекуваме веднаш на почетокот на 2022 да почнат адаптациските зафати, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, на состанокот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, што денеска се одржа во Владата.

Освен четирите објекти на наведените факултети, со проектот целосна пристапност ќе се обезбеди и во основните училишта Лазо Ангеловски (Општина Аеродром), Кузман Јосифовски Питу (Општина Кисела Вода), Братство и Единство (Општина Дебар), Лириа (Општина Тетово), Браќа Миладиновци, Крсте Мисирков и Бајрам Шабани (Општина Куманово), како и средните училишта Св. Наум Охридски (Општина Охрид), Гоце Стојчевски (Општина Тетово), Наце Буѓони (Општина Куманово), Раде Јовчевски – Корчагин (Општина Центар) и Младинскиот културен центар во Скопје, велат во соопштението од МОН.

OhridNews