Во очекување на официјалните резултати од испитувањата кои се вршат врз земените мостри од неодамнешниот помор на плашицата во каналот Студенчишта, угинати примероци од оваа риба може и понатаму секојдневно да се забележат.

Како што информираат надлежните, официјалните резултати се очекуваат да се добијат до крајот на овој месец.

Според првичните извршени анализи, до угинување на плашицата во каналот Студенчишта дошло поради недостиг на свежа вода, поради што плашицата која доаѓа да презими тука нема доволно кислород и се движи кон горниот дел на каналот во обид да преживее.

Во меѓувреме и покрај предупредувањата да не се лови плашицата и да не се користи во исхраната, секојдневно покрај каналот може да се забележат голем број спортски риболовци.

Како што беше нагласено, се додека не се утврдат точните причини за поморот, согласно законот за безбедност на храна, уловената плашица спаѓа во небезбедна храна.

OhridNews