На свечена седница што се одржа денеска во просториите на локалната самоуправа, здружението на граѓани „Богојавление“, официјално ги избра новите кумови на Водици 2015 во Охрид. Тоа се балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и бизнисменот Зоран Милески.

На свеченоста присуствуваше бизнисменот Милески, кој четири пати до сега аплицирал за кум на Водици во Охрид. Тој изрази благодарност за укажаната чест и најави дека заедно со неговиот пријател Жељко Јоксимовиќ, кој не присуствуваше на официјалната промоција, ќе ја продолжат убавата традиција на кумство за празникот Водици во Охрид.

-Јас како дете имам скокано по крстот. Веќе четири години нанзад конкурирам за кум на Водици и почестен сум што денеска го добив конечно кумството за празникот Богојавление заедно со мојот пријател Жељко Јоксимовиќ. Посакувам многу здравје и среќа да го прати моето семејство.-рече новоизбраниот кум Милески.


Зоран Милески

Се очекува во текот на денот и втриот кум на Водици, Жељко Јоксимовиќ, да се обрати на јавноста со писмено соопштение. Организаторот на манифестацијата на денешната средба со новинарите, информираше дека Јоксимовиќ пројавил желба да биде кум на Водици во Охрид речиси пред една година, кога тој токму на одбележувањето на празникот одржа концерт во салата „Билјанини извори“.

-Неколку пати лично Жељко Јоксимовиќ телефонски контактираше со мене и со здружението „Богојавление“ за да ја осигура својата кандидатура. Понатаму беше доставена и писмена апликација согласно статутот на здружението и денес беше направен изборот. Жељко Јоксимовиќ се кандидираше за кум на Водици во Охрид со сите традиционални обичаи поврзани со одбележувањето на празникот.-рече градоначалникот на Охрид и се уште актуелен кум на Водици Никола Бакрачески, посочувајќи дека не треба да се доведе во прашање присуството на Јоксимовиќ во својство на кум на празникот Богојавление.

Предавајќи го кумството, Бакрачески истакна дека со изборот на Зоран Милески и Жељко Јоксимовиќ, празнувањето на Водици во Охрид добива интернационална димензија, што ќе придонесе за уште поголема промоција на културните вредности и традиции на градот надвор од границите на нашата земја.

-Се надевам дека во иднина Охрид за празникот Водици ќе биде се повеќе посетен од странски гости и дека во 2015 ќе имаме рекордна посетеност. – додаде Бакрачески.

Празникот Водици во 2015 за прв пат ќе се одбележува четири дена со богата културно забавна програма, која допрва ќе биде дефинирана.

Како што веќе информиравме, до сега 17 охридски хотели понудиле попусти на празничните аранжмани за Водици, кои за прв пат ќе важат во периодот од 12 до 20 јануари 2015 година и ќе го опфатат празникот Стара Нова година – Василица.

Попусти за празникот ќе нудат и охридските угостители кои индивидуално ја подготвуваат празничната програма.

OhridNews