Младата охридска уметница Стефанија Алачкоска, матурантка во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, на само 19 години ќе ја одржи својата прва самостојна изложба на уметнички дела со наслов „Огледало на Охрид“.

Изложбата ќе биде отворена на 12 јуни 2026 година (петок), во периодот од 19 до 22 часот, во „Летница кујна и бар“, а посетителите ќе имаат можност да погледнат дела инспирирани претежно од Охрид и неговите препознатливи мотиви.

Стефанија се занимава со уметност и црта во различни техники, молив, акрил и мастило, а нејзините дела опфаќаат широк спектар на мотиви: икони, пејзажи, портрети, карикатури и урбани композиции. Посебно место во нејзиното творештво имаат охридските мотиви, меѓу кои се Канео, стариот дел на градот, манастирот „Св. Наум Охридски“ и Охридското Езеро.

Младата авторка во 2025 година учествувала на МАССУМ, каде освоила трето место за најдобра карикатура со делото „Парадоксот на Диоген“, со што го привлекла вниманието на јавноста и љубителите на уметноста.

Покрај авторските дела, Алачкоска изработувала и уметнички мотиви  за Општина Охрид.

„Огледало на Охрид“ претставува нејзин прв самостоен исчекор на уметничката сцена, но и порака дека младите таленти имаат што да понудат во развојот на културата и уметноста во градот.

Стефанија планира своето образование да го продолжи во Словенија, каде ќе се усовршува во областа на сликарството и визуелните уметности.

OhridNews