Охриѓанката Емилија Николовска ќе учествува на Светската олимпијада по физика која ќе се одржи во Јапонија од 10 до 17 јули. Очекувања секако дека има, но вели и дека потребна е долгогодишна подготовка за да се биде дел од балканските, европски и светски натпревари.
Потребно е подолг период на подготовка, не само пред натпреварите за да се учествува на истите. Секако и искуството си го прави своето. Јас уште од основно образование сум дел од натпреварите и знаењето го надоградувам низ годините. На Европската олимпијата по физика која се одржа во Хановер, Германија освоив број еден медал. Целиот тим од Македонија имаше вкупно четири медали од кои два бронзени и два сребрени. По ова следи учеството на Светската олимпијада, додава Николовска.
Потенцира дека ова е трета година да учествува на Европската олимпијада, а во 2021 година добила само пофалница.
Има учествувано и на Светската и Балканската олимпијата по физика, каде има освоени два бронзени медали на Балканската во 2021 и 2022 година, додека на Светската олимпијада учествувала еднаш, минатата година и освоила бронзен медал.
Средношколката Емилија е трета година во Математичко-информатичка гимназија во Скопје, а основното образование го стекнала во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид.
Љубовта кон физиката и учеството на натпреварите започна кога учествував на Јуниорската олимпијада по природни науки во осмо одделение. Тогаш имаше прашања од областа на биологија, хемија и физика. Тогаш првпат се запознав со физиката и оттогаш ја проучувам. Учествував три години и на Европската женска математичка олимпијада, каде имам освоени два бронзени медали и една пофалница. Не успеав да влезам во тимот за Светската олимпијада по математика, но сепак одам и на натпревари по математика, додава Емилија.
Вели дека ќе продолжи да учествува на натпревари и додека е четврта година во средното училиште, а потоа планира сепак да се насочи на изучување на физиката.
Н.С.Ј.