Тандемот алпинисти ја искачи легендарната насока „Supercouloir“ над Шамони, потврдувајќи дека македонскиот алпинизам влегува во нова ера.

Охриѓанецот Мартин Пејоски и скопјанецот Илија Циривири постигнаа историски успех во македонскиот алпинизам, искачувајќи ја прочуената насока „Supercouloir“ на централните Алпи, над Шамони.

Двајцата алпинисти, кои веќе неколку години функционираат како воигран тандем (алпинистичка наврска), успеаја да совладаат една од најпредизвикувачките линии во регионот – насока што првпат била искачена во 1975 година од легендарните Жан Марк Боавен и Патрик Габару.

Циривири, член на Алпинистичкиот клуб „Матка“ од Скопје, и Пејоски од АК „Патагонија“ Охрид, со овој подвиг испишаа страница што ќе остане длабоко врежана во македонската спортска историја. Според познавачите, станува збор за најголем успех на македонскиот алпинизам во последните дваесеттина години.

Тие ја искачија познатата алпинистичка патека во зимски услови, што дополнително го зголемува нивниот успех.

Искачувањето на „Supercouloir“ не претставува само врвен технички предизвик, туку и сериозен тест на издржливост, карактер и ментална подготвеност, што дополнително ја нагласува тежината на нивниот подвиг.

Во моментов, двајцата алпинисти се безбедни и се наоѓаат во бивак под насоката, а за утре е планирано нивното спуштање со скии по глечерот Mer de Glace.

Со овој успех, Пејоски и Циривири испратија силна порака дека македонскиот алпинизам созрева и дека домашните алпинисти сè почесто се рамноправни со светските достигнувања.

OhridNews