На 43-та „Макинова 2022“ охриѓанецот Лео Нелоски од Охрид го освои второто место и се закити со сребрен медал, односно со титулата надежен млад иноватор.
Во конкуренција од 130 учесници од 5 држави Лео учествувал на темата „Хидрауликата и примена во секојдневниот живот“.
Темата не беше врзана само за хидрауликата, туку се одговараше на прашања пред комисијата со што фактички се испитуваше логиката и размислувањето на темата каде може да се примени на друго место. Не беше толку проектно колку што беше усното испитување и темелно проширување на знаењето во смисла како логички размислуваме, вели Лео.
Додава дека бил единствен учесник кој бил примен од Охрид, а со уште едно дете од Македонија биле најмладите добитници на награда меѓу учесниците.
Ова ќе биде поттик за мое понатамошно трудење во областа на науката. Задоволство ми беше што учествував. Од учеството на „Макинова“ произлегоа и понуди за соработка и учество на други меѓународни натпревари, додава Лео.

Инаку, Лео е деветто одделение во ОУ „Григор Прличев“, а годинава беше прогласен и за државен првак на Македонија по учеството на Јуниорската Математичка Македонска Олимпијада. Вчера, исто така, учествувал и на натпревар за млади физичари на Природно математичкиот факултет каде освоил трето место.
Извонредниот талент на Лео ги потврдуваат и постигнатите континуирани успеси во областа на музиката, биологијата, народна техника…
Н.С.Ј.












