Православните верници денеска го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици со свети литургии во црквите и нивните дворови. Годинава првпат, поради пандемијата со Ковид-19, изостана вековната традиција на положување на крстот во светите води.

Свечено утрово беше во црквата Св. Никола Геракомија, каде со помал број верници заради протоколите за заштита од коронавирусот, беше продолжена славната охридска традиција. Наместо во Езерото, чесниот крст беше положен во дворот на црквата, а го фати Никола Чорбески – Чорбе.

Имало тешки времиња и во минатото, непогоди, војни, болести, окупатори, разни управи, разни државни уредувања, но охриѓани секогаш наоѓале начин да ја испочитуваат и да ја продолжат традицијата. Така е и денес во овие исто така турболентни времиња за градот и светот воопшто. На достоинствен начин покажавме дека знаеме да се сплотиме почитувајќи го аманетот на нашите предци кои во многу потешки времиња ја одржале оваа света традиција. На охриѓани им посакувам многу здравје и среќа и догодина повторно масовно да се собереме сите на Градското пристаниште да го одбележиме празникот и да ја продолжиме вековната традиција. Бој се јави! За многу години! – рече фаќачот на крстот Никола Чорбе.

Фаќачот на крстот и присутните верници, потоа се искапија за здравје во студените езерски води во месноста Сараиште, каде беше положена осветената вода.

Настанот се одвиваше под силно полициско обезбедување. Полицијата ја имаше на повеќе локации во центарот на градот.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Никола Чорбе

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Г.М.
Фото: Емил Јовановиќ