Карванот за информирање на заедниците за корисноста на вакцинирањето, што го организира Министерството за здравство со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација, денеска е во Охридскиот регион.

На плоштадот кај стариот Чинар граѓаните претпладнево можеа да се информираат за вакцините, како за тие против сезонски грип, така и за тие за заштита од Ковид 19, нои и да се вакцинираат. Под слоганот „Заедно заштитени – вакцините делуваат“, каравнот денеска престојува и во Мешеишта и Косел.

Повеќе од два века вакцините им помагаат на луѓето да останат здрави – почнувајќи од првата вакцина за заштита од големи сипаници, па сѐ до најновите вакцини што се користат за спречување тешки случаи на Ковид-19. Оттогаш, семејствата и заедниците веруваат дека вакцините овозможуваат заштита за сите – од новороденчиња до повозрасни лица, велат од Министерството за здравство.

Посочуваат и дека пандемијата КОВИД-19 предизвикала огромен притисок кај здравствените системи и услуги, а нарушувањата го загрозиле долгогодишниот тешко стекнат напредок во редовната вакцинација кај деца.

На пример, процентот на деца кои ја примиле втората доза против сипаници опаднал од 93,4 отсто во 2019 година на 68,5 отсто во 2020 година, со покачување на 80,4 отсто во 2021 година, наведува Министерството.

Карванот ќе „крстари“ низ земјата до 26 октомври.

OhridNews